Силна емоција, нераскинлива врска, прв бакнеж,
последна прегратка, многу приказни со различни дефиниции, но исти печат.
Улицата
на која живеам, вели дедо ми, е полна со приказни за љубовта, секое камче крие
по една, секоја клупа има своја историја. Дедо ми вели, ако слушнеш внимателно,
синко, шепотот на дрвјата, секоја вечер
раскажува различна приказна од нашава улица, различна приказна за љубовта.
Седев на
старата клупа, во малото паркче, беше свежа тивка квечерина. Се надевав дека ќе
успеам да ја слушнам приказната што стариот даб ја има подготвено за оваа
вечер. Есен е, лисјата шумолат, под тивкиот ветар, а мојот поглед ита кон
развеаните локни на плавоокото девојче со црвени чизмички. Се вселија со
нејзините во моево мало, ова лето. Мала бура на измешани емоции е печатот на
секоја наша случајна средба. Нејзините обравчиња пак се вцрвенети, мора да е од
ветрот, помислувам, а може е и она другото, она чувство за кое треба да
пишувам. Љубовта е разновидна, вели мајка ми, може да биде брза и неочекувана,
но онаа вистинската, вели, не се дефинира, ќе ја осознаеш, ќе пораснеш со
нејзе, ќе ја почувствуваш. Ја сакам мајка ми. А нејзината љубов, мајчинска, е
најсилна и највистинска.
Дабот оваа
вечер беше тивок, секој мој обид да се внесам и да слушнам подобро, беше
неуспешен, стално прекинуван од џагорот на блиското игралиште. Набрзо, веќе не
бев сам, познатиот старец кој живее сам на погорната улица, ми пријаде и учтиво
замоли да ми се придружи. Истата сива шапка и кариран кафеав шал го дополнуваат
неговото сега насмеано лице прекриено со бела брада. Вечерва, дабот над нас не
раскажуваше, и јас и дабот, слушавме, ја слушавме приказната на старецот со
сива шапка. Зборуваше за неговата
сопруга, за долгите години заедно, за животот кој го имале и животите кои ги
создале, зборуваше
долго ...
“Млад си ти синко, ама ќе научиш “- со мала тага во очите, ми
зборуваше старецот со сива шапка-
“ љубовта не се препознава, љубовта не се бара и добива, љубовта се
гради, негува, како цвеќе, како живо суштество.
Без нејзе, животот е бесмислен, а
достигнатите цели и успесите се само достигнувања. Вистинската љубов, прави
чуда, вистинската љубов е голема, моќна и незаменлива. Мојава сопруга веќе не е
меѓу нас, но нашава љубов, голема и нераскинлива, продолжува. Така, таа е тука
со мене, синко, ја чувствувам. “
Дома, ме дочекаа мајка ми и татко ми, со топла вечера и силна прегратка за добра ноќ. Заспивам и почнувам да сфаќам, дедо ми е во право, времето ќе ме научи, а јас, јас сум заљубен. Девојчето со чрвени чизмички, кафеави виткани коси, ги вцрвенува обравчињата, секој пат кога ќе ја поздравам.
No comments:
Post a Comment